ВИДЕО: Сензација на Лас Палмас среде Каталонија, Барса пак разочара!

Екипата на Лас Палмас приреди голема сензација во Примера, бидејќи среде Барселона славеше голема победа над лидерот во Примера (1-2). За тимот предводен од Ханси Флик ова е втор пораз во последните три кола (едно реми), па доколку утре Реал слави над Хетафе ќе се доближи на само еден бод до лутиот ривал со натпревар помалку.

  • Извештај од натпреварот:

По мирното прво полувреме, во кое Барселона имаше повеќе од играта, но не успеа да го искористи тоа со водство, во второто полувреме гледавме супер-возбудлив и атрактивен фудбал на „Монжуик“. 

Во првите 45 минути Фермин Лопез, Рафиња и Педри ги имаа најзрелите шанси за лидерот во Примера. Гостинот веднаш по паузата ја искористи првата вистинска можност и Рамирез со прецизен удар на втора статива го матира Ињаки Пења и донесе молк на трибините на каталонскиот стадион (0-1).

Сепак, домашните фудбалери успеаја експресно да се вратат во игра. Рафиња ја продолжи гол-серијата и израмни на 1-1. По голот на бразилскиот ас Барса дополнително се отвори, но ефектот беше спротивен, затоа што гостинските фудбалери одново ја казнија лошата интервенција на домашната одбрана и Силва ги постави конечните 1-2. 

Во последните десетина минути се играше „викторија“ пред Силесен и се редеа шансите за лидерот, Левандовски и Ламин Јамал не реализираа зицери, а холандскиот голман го одбрани ударот на Рафиња од слободен удар. По надополнување од осум минути започна славјето на фудбалерите од Канарските острови. Лас Палмас е првиот тим кој освои бодови од Каталонија сезонава. Барса има само една победа од четири натпревари по победата во големото дерби против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ и ризикува да го загуби лидерското место на табелата.