Сензација или вистина: Јунајтед е подготвен да го продаде Рашфорд?

Дел од англиските медиуми излегоа со спектакуларна информација дека Манчестер Јунајтед наводно е подготвен да го продаде Маркус Рашфорд во текот на летниот преоден рок. 

Секако, за ова нема никаква потврда од ниту еден релевантен извор, но сепак се актуелизира темата за заминување на ѕвездата поради недоволното залагање на теренот и променливата форма што ја прикажува повеќе од една година. 

Рашфорд сезонава постигна само осум гола и воопшто не е на потребното ниво (лани имаше 23 гола во сите конкуренции), но годинава е големо разочарување и се чини дека управата полека го губи трпението. Се работи за „дете“ на Манчестер Јунајтед, кое е вистински симбол на клубот, но во исто време има плата од 18 милиони фунти годишно и „ѓаволите“ би можеле да се ослободат од голем финансиски товар со неговата продажба. 

Шансите за такво нешто се многу мали, но ако клубот реши да го стави на трансфер-листата, тука сигурно ќе се вклучат големи гиганти кои ќе се „тепаат“ за неговиот потпис. Одамна е познато дека ПСЖ сака да го види во своите редови, а ништо чудно да се јават и други европски гиганти кои можат да му понудат солидна заработувачка. 

Маркус Рашфорд дебитираше за „ѓаволите“ во 2015 година, а оттогаш настапи на вкупно 270 натпревари и постигна 83 голови.