Сензација: Барнли го освои „Енфилд“, Ливерпул пет кола без триумф! (ВИДЕО)

Големо изненадување се случи во англиската Премиер лига, откако Барнли дојде до победа на гости кај Ливерпул (0-1) и актуелниот шампион сега е пет кола без триумф во најквалитетната англиска фудбалска елита.

  • Извештај од натпреварот:

Три ремија со ВБА, Њукасл и Манчестер Јунајтед и два порази од Саутемптон и Барнли е билансот на екипата предводена од Јирген Клоп. „Црвените“ не смееја да си дозволат ваква серија, затоа што сега се далеку од врвот и тешко дека оваа година ќе имаат можност да го одбранат тронот. За Ливерпул ова беше прв пораз на домашен терен по скоро четири години во рамки на Премиер лигата. Последниот неуспех им беше во август 2017 година.

По многу неискористени шанси на домаќините, гостинот казни во последните минути од мечот. Во 82. минута Алисон направи прекршок во казнениот простор, судијата Мајк Дин покажа на белата точка, а казната во гол ја претвори Ешли Барнс, за голем триумф на „Енфилд Роуд“. Во 90. минута Фирмино имаше добра шанса за реми, ама не успеа да донесе барем бод за својот тим.

Барнли со овие три бода избега од опасната зона и на контото има 19 освоени поени. Ливерпул има 34 бода по 19 кола, шест помалку од лидерот Манчестер Јунајтед и четири помалку од второпласираниот Манчестер Сити кој има и меч помалку.