Сенегалскиот „бисер“ кој беше пред потпис со Јунајтед се сели во хрватски второлигаш!!

Мухамед Дабо, 17-годишен сенегалски репрезентативец, е нов играч на Кустошија од Загреб, клуб кој е под капата на познатиот фудбалски менаџер Енди Бара и е место каде што се развиваат големи таленти. Младиот африкански играч од средниот ред, кој беше желба на повеќе европски гиганти, порасна во фудбалската академија „Бе Спорт“ во главниот град Дакар, а во Кустошија ќе пристигне на 1 јули 2026 година.

Пред да пристигне во Кустошија, Дабо беше на проба во два европски гиганти. Прво, помина еден месец во Барселона, каде што остави силен впечаток кај тренерскиот штаб на каталонскиот клуб. Потоа, во септември 2025 година, пристигна во Карингтон, тренинг центарот на Манчестер Јунајтед, каде што тренираше со академијата на „црвените ѓаволи“ неколку недели.

Фабрицио Романо потврди дека Дабо оставил многу позитивен впечаток во Јунајтед, а извори блиски до клубот го опишаа Сенегалецот како играч кој е преполн со суров талент и интелигенција на теренот. Англиските медиуми објавија дека клубот бил блиску до финализирање на трансферот, но тој не се реализирал.

Дабо играше за Сенегал на Светското првенство до 17 години минатиот месец и ги одигра сите четири натпревари. Само во првото коло против Хрватска не започна од првата минута, додека во преостанатите три натпревари беше стартер.