Сенегалците драконски казнети за пропустите во баражот со Египет

Среќата посака Сенегал и Египет да се борат за место на Мундијалот во Катар во баражот, а Сенегалците беа подобри по изведување на пенали од ривалот. Бидејќи играа дома, фановите значително им помогнаа во рулетот. 

Првата ѕвезда на Египќаните, Мохамед Салах го промаши својот пенал, а нему од публиката со ласер му светеа в лицето во пресрет на ударот. Фудбалерот на Ливерпул не подлегна на провокацијата, меѓутоа не го реализира пеналот, за потоа Египет да загуби. Покрај тоа, од поразениот табор се пожалија и на расистички навреди над играчите, како и на фрлени предмети од трибините.

ФИФА неколку месеци по баражот, реши драконски да ја казни Фудбалската федерација на Сенегал. Сојузот на оваа земја ќе плати 180.000 долари за случувањата на баражот, а покрај тоа Сенегал следната домашна официјална средба ќе ја игра пред празни трибини. 

Сепак, ова не е никаква утеха за Египет, бидејќи ривалот веќе е патник на Светското првенство, но барем правдата е задоволена.