Сенегал поднесе жалба во Лозана за одземената титула на АКН!

Спортскиот арбитражен суд официјално потврди дека Фудбалската федерација на Сенегал поднела жалба против одлуката на Конфедерацијата на африканскиот фудбал со која титулата од Африканскиот куп на нации му беше доделена на Мароко.

Жалбата е регистрирана на 25 март 2026 година, а од сенегалската федерација бараат поништување на одлуката на КАФ и официјално признавање на Сенегал како шампион на Африка. Станува збор за случај кој предизвика големо внимание во фудбалската јавност, со оглед на тежината на одлуката и нејзините потенцијални последици.

Во следниот период ќе биде формиран арбитражен панел кој ќе го разгледува случајот, по што ќе се утврди и временска рамка за постапката. Се очекува детално преиспитување на сите околности што довеле до контроверзната одлука на КАФ.

Конечната пресуда на Спортскиот арбитражен суд ќе има клучно значење, не само за двете федерации, туку и за кредибилитетот на натпреварувањата под покровителство на африканската куќа на фудбалот.