ВИДЕО: Семоќниот Јанков одбрани пенал и донесе радост на Работнички во Тетово

Работнички

Отворен натпревар се одигра на „Градскиот стадион“ во Тетово на кој Работнички прокнижи три бода против домашната Ренова (1-2) во 28. коло од ПМФЛ. Херој на мечот беше голманот Ристо Јанков кој беше несовладлив, а одбрани и удар од белата точка во завршницата од мечот.

Иако почетните минути им припаднаа на гостите, кои ја контролираа топката и добро комбинираа на средината од теренот, домашниот тим може да жали што не искористи ниту една од многуте шанси. Виновник што по првите 45 минути немаше погодок беше гостинскиот голман Јанков кој во неколку наврати одбрани зицери и спречи противничка радост.

Влатко Стојановски, најдобриот стрелец на „гипсарите“, ја пропушти првата шанса. Откако одлично се ослободи на левата страна, биеше покрај голот на гостинот. На тоа „романтичарите“ возвратија преку Баже Илијоски, кој можеби одигра себично и шутираше во средината од голот, наместо да проигра некој од соиграчите кои го следеа во нападот.

Завршницата од првиот дел целосно им припадна на домашните фудбалери кои прво се заканија преку Фисник Зука. Тој биеше од далечина, но гостинскиот голман со прекрасна интервенција ја исфрли топката во корнер. Најголемата шанса за отворање на резултатот ја пропушти Стојановски кој по еден соло продор се ослободи од двајца противници, а потоа со левата нога биеше директно во Јанков.

Емран Рамадани се надоврза на промашувањата на Ренова со неискористен зицер од непосредна близина во дуелот еден на еден со голманот на Работнички. Тоа беше најава за возбудливо продолжение и отворена игра на двете страни до крајот на мечот.

Отворањето на резултатот пристигна по еден корнер на Петар Петковски, кој испрати топка во срцето на казнениот простор. На вистинското место се најде Емил Руменов Вијачки, кој умешно ја зафати топката и ја смести зад грбот на Урош Ѓуриќ.

На 15 минути до крајот, Ренова се врати во игра и израмни по една мешаница преку Ермедин Адем (1-1). На корнерот му претходеше потенцијална игра со рака на Владимир Димитровски, кој ја одби топката надвор од теренот.

Радоста на тетовчани траеше само една минута, бидејќи Оливер Пеев обезбеди водство од 1-2 и победа за гостите од Скопје. Акцијата започна од Илијоски, па се префрли кон Петковски, кој биеше силно, а одбиената топка пристигна до искусниот играч за врска кој немаше проблем да го постави конечниот резултат.

Трагичар на мечот беше Стојановски кој промаши пенал за реми, односно Јанков го прочита и одбрани. Судијата Марјан Марковски досуди најстрога казна и им овозможи на домашните фудбалери да се вратат во игра, но тоа не го искористија и на крај го напуштија теренот со наведнати глави.

ПМФЛ
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ШкендијаШкендија 29 20 6 3 63:21 42 66
2 ВардарВардар 29 15 9 5 32:17 15 54
3 Академија ПандевАкадемија Пандев 28 14 5 9 32:23 9 47
4 ШкупиШкупи 2 29 11 6 12 30:29 1 39
5 РаботничкиРаботнички 1 29 11 6 12 36:40 -4 39
6 РеноваРенова 1 29 9 9 11 34:37 -3 36
7 Македонија Ѓорче ПетровМакедонија Ѓорче Петров 29 8 11 10 35:41 -6 35
8 СилексСилекс 29 7 10 12 20:35 -15 31
9 БеласицаБеласица 29 6 9 14 25:39 -14 27
10 ПобедаПобеда 28 5 5 18 20:45 -25 20