ВИДЕО: Семоќниот Азар со два гола донесе победа за Челзи против Вест Хем

Фудбалерите на Челзи ја продолжија позитивната серија во Премиер лигата и ја запишаа третата победа по ред, откако на „Стемфорд Бриџ“ во рамките на 33. коло го совладаа Вест Хем со 2-0 (1-0).

  • Извештај од натпреварот:

„Сините“ на Сари доминираа од самиот почеток на натпреварот и на крајот сосема заслужено освоија три бода. По почетната иницијатива, Еден Азар по прекрасна соло-акција, во која нанижа неколку гостински фудбалери го матира Фабиански и донесе предност од 1-0.

По постигантиот погодок домашните фудбалери имаа уште неколку шанси за зголемување на предноста, но обидите на Игуаин и Одои завршија безуспешно, па на одмор се замина со минимална предност за Челзи.

Вториот дел започна со голема шанса на Азар, но неговиот удар заврши покрај голот. „Чеканите“ својата прва шанса на денешниот натпревар ја имаа преку Ланцини, но Аризабалага покажа зошто е најскапиот голман и спречи израмнување.

До крајот на натпреварот гостите се заканија преку Арнаутовиќ, а шанса за потврда на победата на спротивната страна имаше Жиру, но повторно без реализација. И кога сите помислија дека 1-0 ќе биде и конечен резултат, Баркли одлично асистираше, а Еден Азар егзекутираше за конечни 2-0.

Следен предизвик за тимот на Челзи е четвртфиналниот дуел од Лига Европа против Славија Прага на гостински терен.