• Горан Упале
Екипата на Глазгов Ренџерс ги продолжува своите настапи во Купот на Шкотска, откако денес во големото дерби со Селтик извојува сигурна победа во 2-0 (2-0), во натпревар во кој среќата им сврте грб на „зелените“, затоа што си постигнаа автогол и не реализираа удар од единаесет метри.
Ако на претходното „Олд Фирм“ кое се играше во рамки од Премиершип, Селтик беше подобриот противник и не дозволи нова победа на доминантниот Ренџерс (1-1), денес момците на Стивен Џерард како да сакаа што побрзо да му се реваншираат на големиот ривал и мечот на „Ајброкс“ го отворија со иницијатива која што донесе два брзи гола.
Резултатот го отвори Дејвис во 10. минута, а пред финишот на првиот дел Кени несреќно ја затресе сопствената мрежа и го отпиша својот тим од битката за трофејот во националниот Куп. Несреќниот ден на фудбалерите на Селтик беше зачинет со промашен пенал на Едуард во 79. минута.
Со оваа победа Ренџерс се пласира меѓу осумте најдобри во Купот на Шкотска, а во четвртфиналето го чека дуел со Сент Џонсон, кој беше поуспешен од Клајд.