Селтик пак го бара Миовски, Џирона гледа да си ги врати парите!

Шкотскиот шампион Селтик повторно го насочува вниманието кон пазарот на напаѓачи, а ново име што се споменува во јавноста е македонскиот репрезентативец Бојан Миовски.

25-годишниот напаѓач, кој минатото лето се пресели од Абердин во шпанска Џирона во трансфер вреден над шест милиони фунти, се најде на листата на можни засилувања на шкотскиот гигант по само една сезона во Ла Лига. Според извештаите од Островот, Миовски е во игра за летен трансфер, откако не успеа целосно да се наметне во составот на каталонскиот клуб.

Во дресот на Џирона, Миовски постигна само четири гола на 25 натпревари, притоа имајќи ограничена минутажа и несоодветна форма, што отвори прашања околу неговата иднина во шпанскиот фудбал. Колку за илустрација на разликата, Миовски претходно имаше импресивен период во Абердин, каде во 98 натпревари постигна 44 гола и забележа седум асистенции — извонреден учинок со оглед на нестабилната форма на клубот во тој период.

Медиумите во Шкотска го споредуваат Миовски со поранешниот напаѓач на Селтик, Кјого Фурухаши, кој оваа зима премина во Рен, но засега не успева да го реплицира успехот што го имаше во Глазгов. Сумата која се споменува за трансфер на Миовски во Селтик е шест милиони фунти, но исто во игра е и позајмица со право на откуп.