ВИДЕО: Селтик го освои првиот трофеј во сезоната во шкотскиот фудбал

Екипата на Селтик дојде до првиот трофеј во актуелната сезона откако беше подобар од Хибернијан (1-2) во финалето на Лига Купот кое се играше на славниот „Хампден парк“ во Глазгов.

Домашните ја добија поголемата поддршка, а за тоа возвратија со титула. Јунак на овој натпревар беше јапонскиот фудбалер Киого Фурухаши кој беше двоен стрелец. „Детелинките“ секогаш имале среќа со јапонските фудбалери, така беше и сега.

Прв на натпреварот поведе Хибернијан преку Ханлон во 51. минута, меѓутоа Фурухаши одговори со два погодока во 52. и 72. минута, првиот по асистенција на Мекгрегор, вториот по додавање на Рогиќ.

Селтик на патот во финалето ги исфрли Сент Џонстон, Рејт Роверс и Хартс, а за тимот ова е јубилејна 20-та титула во натпреварувањето.