Селекторот на Зеленортската република: Дојдовме на СП да се надигруваме!

Селекторот на Зеленортската Република, Педро Леитао Брито „Бубиста“, порача дека неговата репрезентација нема да излезе на теренот против Шпанија „со бело знаме“, иако станува збор за еден од главните фаворити за светската титула.

Во пресрет на натпреварот од Светското првенство, предводникот на африканската селекција истакна дека пласманот на Мундијалот е историски успех за неговата земја, но додаде дека тимот не е дојден само за да биде дел од спектаклот.

„Не дојдовме тука само да учествуваме, дојдовме да се натпреваруваме. Знаеме против кого играме и свесни сме за силата на Шпанија. Ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме“, изјави селекторот. 

Тој нагласи дека настапот на Светското првенство претставува огромна гордост за народот на Зеленортската Република и можност земјата да се претстави пред целиот свет не само преку фудбалот, туку и преку својата култура и традиција.

„Сакаме да покажеме дека знаеме да играме фудбал и да ја направиме горда нашата нација. Ќе имаме огромна поддршка во целата земја, а дел од навивачите допатуваа и тука со нас“, рече Бубиста. 

Натпреварот меѓу Шпанија и Зеленортската Република е особено значаен за африканската селекција, која за првпат во својата историја настапува на Светско првенство. Дуелот започнува во 18:00 часот.