• Горан Упале

Турската фудбалска федерација (ТФФ) одлучи да го раскине договорот со селекторот Стефан Кунц, откако Германецот ги критикуваше своите играчи по минатонеделниот пријателски пораз од Јапонија, објавија турските медиуми.
По поразот од Јапонија со 2-4 во вторникот, Кунц одговори на повиците од навивачите да поднесе оставка, велејќи дека неговите играчи треба да работат повеќе и дека тој не треба да ја презема целата вина. Кунц рече дека неговите играчи треба да одговараат на критиките на теренот, а не „во интервјуа по натпреварот“, додавајќи дека е вознемирен што неговите играчи не го даваат најдоброто од себе.
Наводно, поради овие зборови Кунц ги влошил односите со ТФФ, која во неделата информираше дека дојде до разделба. Кунц, поранешен напаѓач на германската репрезентација, кој исто така играше за турскиот клуб Бешикташ, беше назначен за селектор на Турција во септември 2021 година, откако ја предводеше репрезентацијата на Германија до 21 година на Европското првенство во 2017 и 2021 година.
Според тамошните медиуми, помошникот на Кунц, Кенан Кочак, би можел да ја предводи репрезентацијата на квалификацискиот натпревар за ЕП 2024 против Хрватска на 12 октомври, а се шпекулира дека прв кандидат за нов селектор е Јоаким Лев.