Селекторот на Гибралтар: Знаеме јасно што сакаме, не ни е важно што Македонија е фаворит

Некогашниот уругвајски репрезентативец, Хулио Цезар Рибас е селектор и предводник на Гибралтар и човек кому му е дадена мисијата да го освои првиот бод на официјални натпревари за малата британска колонија.

Пред натпреварот со Македонија, Рибас говореше за медиумите од двете земји на официјалната прес-конференција.

„Натпреварот ќе биде многу важен за нас, заради историската шанса да играме на домашен терен. Затоа треба да се обединеме и моите фудбалери да го остават срцето на теренот. Верувам дека ќе биде историски натпревар, не е пријателски, туку официјален. Ние знаеме јасно што сакаме, не ни е многу важно што Македонија е фаворитот. Македонија има одлична екипа, има искусни фудбалери како Пандев, но и млади асови. Опасни се нивните напаѓачи Трајковски, Тричковски, Несторовски... Добро знаеме против каков ривал играме“, заврши Рибас.

Фудбалерот за врска Ентони Бардон потврди дека цела една година со новиот селектор работеле на Лигата на нации.

„Ова е шанса да се натпреваруваме со ривали со кои ние мислиме дека можеме да се носиме. Ако не дадеме 100%, немаме никакви шанси ни да ремизираме. Верба и многу енергија ќе ни треба за да ја изненадиме Македонија. Гибралтар има неверојатна енергија. Мало место е, ги знаеме сите наши приврзаници, владее семејна атмосфера, опуштени сме и убедени дека ќе дадеме максимум. Десетина дена се подготвуваме, но зад нас е цела една година напорна работа. Многу внимание  посветивме на концентрацијата, селекторот ни обрна внимание на менталниот дел и спремни сме за почетокот на Лигата на Нации“, рече Бардон. 

Оваа земја со само 30.000 жители има само две победи во својата историја, и тоа на пријателски натпревари против Малта и Летонија