Селекторот на Еквадор: Болката е голема, доживеавме неправеден пораз!

Селекторот на Еквадор, Себастијан Бекасече, изјави дека неговата селекција доживеала неправеден пораз на Мундијалот од Брегот на Слоновата Коска (1-0), кој бил многу болен за сите играчи во тимот. 

Африканската селекција победи со голот на Амад Диало во 90. минута, иако Еквадор беше тимот што постојано го диктираше темпото и создаде многу повеќе шанси на теренот. 

„Не знам што да кажам. Овој пораз многу боли, неправеден е за целиот тим. Играчите се разочарани затоа што знаат дека го дадоа својот максимум.

Имавме далеку повеќе шанси од ривалот, трипати ја погодивме и пречката, но едноставно немавме среќа.

Се надевам дека ќе успееме да се мотивираме, мора да одиграме одлично и на следните натпревари“, изјави аргентинскиот стратег. 

Еквадор остана без бодови по првиот одигран меч во групата Е, а следниот натпревар ќе го одигра на 21 јуни, кога ќе биде голем фаворит против селекцијата на Курасао.