• Горан Упале

Тренерот на Пелистер, Марјан Секуловски, на денешната прес-конференција се огласи по елиминацијата на битолскиот клуб од Првата лига и неуспехот да се избори опстанок преку баражот, упатувајќи благодарност до навивачите и извинување за неостварената цел.
„Прво сакам да им се заблагодарам на сите наши навивачи што дојдоа во Кавадарци да нè поддржат. Количеството на радост при израмнувачкиот гол и тагата по загубените пенали се доказ колку Пелистер им значи на битолчани“, истакна Секуловски.
Тој не ја криеше разочараноста од исходот, но потенцираше дека во периодот откако ја презел екипата, резултатите биле на високо ниво.
„Сакам да им се извинам на сите што не успеавме да ги оствариме нашите цели, иако мислам дека јас сум тој што најмалку треба да се извини. Во последните два месеци, на девет натпревари забележавме пет победи, три реми исходи и само еден пораз. Со тие 18 бодови, Пелистер под мое водство во девет натпревари би бил на второто место, веднаш зад Вардар“, додаде тој.
Секуловски сепак остави простор за надеж дека клубот може да остане во Првата лига, повикувајќи се на можни административни решенија.
„Надежта последна умира. Сметам дека постојат механизми поради кои Пелистер може да остане во ПМФЛ. Имаше сличен случај во една соседна земја, која ќе игра на Светско првенство, каде што беше стопирана одлуката за намалување на лигата. Затоа верувам дека Пелистер може да игра и следната сезона во елитата“, порача Секуловски.
Пелистер во следната сезона ќе се натпреварува во ВМЛФ, откако во Кавадарци по пеналите го загуби бараж-натпреварот со Шкендија Арачиново.

