Секуловски: Амбициите се повеќе од јасни, Пелистер сака во Прва лига

Пелистер под водство на тренерот Марјан Секуловски ги започна подготовките за Втората лига. Со изменет состав и повеќе битолчани во тимот, „зелените“ стартуваа со тренинзите, а постои единствена цел, тоа е враќање во фудбалската елита.

Единствената Втора лига, која ќе брои шеснаесет екипи, ќе почне на 14 или 21 август. Главната фаза на подготовки на Пелистер ќе се одвива во Битола, Охрид и Струга.

„Почнавме со единствена цел да бидеме оптимално подготвени за предизвиците кои што не очекуваат во првенсвото. Амбициите се повеќе од јасни, а тоа е враќање во Прва лига. Во овој период ангажиравме пет искусни играчи и тоа битолчани на кои овој им е матичен клуб. Планирано е да се ангажираат уште двајца или тројца на позиции на кои сме дефицитарни. Ќе се подготвуваме во Битола а контролни натпревари ќе играме во Битола, Охрид и Струга. Верувам дека почетокот на првенството ќе го дочекаме оптимално подготвени и комлетни со играчкиот кадар“, изјави Секуловски.

Нови имиња се Петровски, Миленковски, Грозданоски, Бурхан Мустафов и Благоја Љамчевски. Приоритет е да се доведат најмалку два напаѓачи, бидејќи во таа фаза битолчани имаат најмногу проблеми. Голема придобивка е продолжувањето на договорите со Маневски, Драгарски, Трајковски, Трајчевски... Раководството на клубот, пак, најави дека сè уште се работи на креирање на поквалитетен ростер за следната сезона и наскоро ќе ги објават новите засилувања.