СЕЌАВАЊЕ: 6 февруари 1958 година, најтемниот ден за Манчестер Јунајтед

6. февруари, засекогаш ќе биде обележан со црна точка за сите фанови на Манчестер Јунајтед. Тоа е најтемниот ден во нивната историјата, еден од најтажните денови воопшто во историјата на фудбалот, ден кога во авионска несреќа загинаа 23 луѓе, вклучувајќи осум играчи и тројца членови од управата на тимот од Манчестер. 

Минхенската авионска несреќа, како што ја нарекуваат на Oстровот се случила на денешен ден во 15.04 часот.

Покрај тимот на Манчестер Јунајтед, тогаш познат како „Бебињата на Безби“ во авионот се наоѓале новинари и фанови на клубот. Патниците се враќале од четвртфинлниот меч со Црвена Звезда (кој заврши со резултат 3-3), во рамките на Европскиот Куп на шампиони, кој се одигра во Белград, Југославија.

Авионот застанал во Минхен да наполни гориво, а потоа поради проблеми со левиот мотор два пати неуспешно се обидел да полета. Плашејќи се дека многу ќе заостанат со натпреварите, менаџерот на тимот Мат Безби одбил да преноќат во Минхен и по трет пат ги наговорил пилотите да се обидат да полетаат. За некои трета среќа, но не и за тимот на Манчестер. Кобниот момент настана поради снежната бура, во моментот кога авионот прво удрил во ограда, а потоа и во една куќа.

Седум играчи на Манчестер Јунајтед починаа на самото место, а Данкан Едвардс, осмиот играч на „ѓаволите“ почина по 15 дена во болница. Поради тешките повреди некои од играчите никогаш повторно не заиграа фудбал. Што се однесува до најдобриот играч на тогашниот тим, Боби Чарлтон, бил сериозно повреден во несреќата, а потоа толку депресивен што размислувал да се откаже од фудбалот.

Сепак, по многуте убедувања од страна на челниците на клубот, Чарлтон одлучи да ја продолжи својата играчка кариера во тимот и стана една од легендите на „црвените ѓаволи“ настапувајќи на 606 натпревари, во кои постиган 199 гола. Вреди да се напомене дека многу фудбалски клубови беа на располагање да му помогнат на Манчестер, не само финансиски туку и играчки, а меѓу тимовите беше и лутиот ривал Ливерпул како и шпанскиот гигант, Реал Мадрид

Авионската несреќа беше инспирација за многу режисери и артисти, кои своите идеи ги преточија во многу филмови и песни во поддршка и длабока почит кон тимот и семејствата на загинатите.

Манчестер Јунајтед ја преживеа несреќата, со тек на време закрепна и продолжи со своите успеси. Но денес, и по 58 години сè уште се чувствува болката за загинатите легенди на „црвените ѓаволи“.