Сејдини на средба со амбасадорот на Косово: Фер и коректно, да направиме спектакл

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини во „Куќа на фудбалот“ имаше работен состанок со амбасадорот на Косово во нашата држава, Ѓерѓ Дедај.

Во рамки на средбата двајцата разговараа за бараж натпреварот меѓу Македонија и Косово од полуфиналето во Лига на Нации за пласман на Европското првенство 2020. и начинот на организација на важниот дуел за двете репрезентации.

Претседателот на ФФМ ја истакна заложбата и подготвеноста на нашата федерација за организација на натпреварот на Националната арена на највисоко ниво, потенцирајќи ја увереноста дека сите кои се вклучени во организацијата на натпреварот ќе го искористат своето искуство и можности фудбалскиот меч да биде вистински спектакл

„Ние како Фудбалска федерација на Македонија сме во постојани контакти со федерацијата на Косово и драго ми е што и на ова ниво имаме можност да разговараме за натпреварот кои ни следува во март. Како федерација ги преземаме сите мерки за успешна организација на значајниот натпревар, во постојани контакти сме со нашето Министерство за внатрешни работи и со одделот на УЕФА за интегритет и безбедност. Сите треба да дадат свои придонес за да помине се како што доликува и да се зборува само за фудбалерите и нивната игра на теренот. Во најскоро време ќе ги соопштиме и сите детали околу влезниците и начинот на продажба и распределба, но секако ќе се придржуваме до правилата на УЕФА. Јас се надевам дека и навивачите на двете репрезентации својот придонес ќе го дадат единствено преку фер и коректно однесување и навивање бидејќи само на тој начин репрезентациите ќе имаат корист. Верувам дека по 26. март ќе зборуваме само за нашиот финален натпревар за пласман на ЕВРО 2020, изјави Сејдини.

Натпреварот од плејофот во Лигата на нациите е закажан во месец март и за двете репрезентации ова ќе биде историска шанса за пласман на ЕП 2020.