Сега и официјално: ФИФА ги брише жолтите картони, но Елмас нема да игра со Италија!

Македонската репрезентација ќе мора без Ељиф Елмас да игра во плеј-оф дуелот со Италија во борбата за место на Мундијалот во Катар.

Светската фудбалска федерација (ФИФА) одлучи да ги избрише жолтите картони од квалификациските мечеви, но суспензиите остануваат, па тоа носи катастрофални вести за селекторот Благоја Милевски. Тој нема да може да смета на талентираниот офанзивец, кој важи за еден од најдобрите во националниот тим.

22-годишникот заработи јавна опомена на последниот дуел со Исланд на домашен терен. Тоа значи дека ќе мора да прави пауза од еден натпревар, а ќе биде достапен за финалето од плеј-офот. На овој историски натпревар нема да се појави и Тихомир Костадинов, кој исто така има суспензија поради жолти картони.

Македонија ќе се пресмета со актуелниот европски првак на 24 март во Палермо. Победникот од полуфиналето ќе оди на мегдан на Португалија или Турција.