Седум земји поднесоа заеднички кандидатури за ЕП 2028 и 2032

Италијанската и Турската фудбалска федерација поднесоа заедничка кандидатура за организација на Европското првенство кое ќе се одржи во 2032 година. Двете земји најпрво планираа да се кандидираат одделно, но сепак решиле заеднички да настапат и ја испратиле потребната документација до Европската фудбалска асоцијација (УЕФА). 

Исто така постои голем интерес и од други национални федерации за „домаќинство“ на Европските првенства во 2028 и 2032 година, а меѓу нив се наоѓа и заедничката кандидатура на Англија, Република Ирска, Северна Ирска, Шкотска и Велс. 

Сè уште не е познато дали земјите од Островот би можеле во „пакет“ да ја добијат организацијата, но доброупатените извори велат дека шансите за такво нешто се големи. Италија исто така има голема желба, а Турција одамна се наметнува како еден од главните кандидати, па останува да видиме каква ќе биде конечната одлука на УЕФА. 

Европската куќа на фудбалот се очекува да заседава на крајот од септември, а одлуката би требало да биде соопштена најдоцна до десетти октомври годинава. Следниот континентален шампионат ќе се одржи догодина во Германија, а титулата ќе ја бранат „аѕурите“ кои станаа шампиони на првото историско Европско првенство на кое учествуваше и репрезентацијата на Македонија.