Седлоски: Знаевме дека ќе биде тешко, среќен сум што победивме со играч помалку

Есенскиот шампион во ПМФЛ, Шкупи со победа го отвори вториот дел во македонскиот шампионат. На свој терен чаирчани извојуваа тесен триумф над второпласираниот тим на Академија Пандев со 2-1, а тренерот Гоце Седлоски не го криеше задоволството од освоените три бода против незгодниот струмички тим.

„Уште претходно им кажав на момците дека првите натпревари се секогаш тешки. Игравме против силна екипа која што е на второто место на табелата. Во првото полувреме не бев задоволен од играта што ја прикажавме, разбирам, на новајлиите им треба уште време да се прилагодат на нашата игра. 

Во вториот дел одигравме сосема поинаков натпревар иако со играч помалку момците успеаја да го дадат максимумот и да победат. Секако дека сум среќен за оваа победа, им честитам на фудбалерите и на сите наши навивачи. Сега го насочуваме вниманието кон следниот натпревар“, рече Седлоски.

Со овој пораз Академија Пандев падна на третата позиција, затоа што Шкендија славеше над Струга Трим Љум и сега е на второто место со осум бода зад лидерот Шкупи.