Седлоски: Тргнавме лошо, ама одново целта е шампионска титула

Екипата на Шкупи е бранител на титулата во ПМФЛ, меѓутоа сезоната за „чаирчани“ не тргна најдобро. Турбулентниот старт ги доведе на сериозен бодовен дефицит во однос на лидерот Струга Трим Љум, меѓутоа Гоце Седлоски кој замина, па се врати и ситуацијата се стабилизираше. 

Предводникот на „галебите“ направи рекапитулација на претходниот период на клупата на Шкупи. 

„Морам да нагласам, кога го преземав тимот целта беше да се освои титулата, а тоа го исполнивме. Следеа евро-куповите, како и домашниот шампионат во исто време. Во тој период, играчите беа уморни, екипата беше исцрпена. Првите натпревари во првенството не ни одеа како што бевме навикнати, конкурентите се одлепија и поради тоа си дадов оставка. Се случија тие неколку порази кога јас не бев во клубот. По разговор со управата пак најдовме заеднички јазик и засега резултатите одат во нагорна линија, се надевам ќе бидеме и уште подобри. Ја знаеме својата цел и оваа година е шампионската титула. Пред нас се добри конкуренти, но се надевам дека ќе успееме да го исполниме зацртаното“, кажа Седлоски. 

Шкупи заостанува три бода зад Струга Трим Љум, а покрај тоа има и еден натпревар помалку. Третопласираната Шкендија заостанува шест бода зад чаирчани.