Седлоски: Примивме погодок по наша грешка, Алварез стрелаше мајсторски

Шкупи и Шкендија во дербито на „Чаир“ го поделија пленот (1-1), а по натпреварот, тренерот Гоце Седлоски ги сподели импресиите од натпреварот. Стратегот на лидерот истакна дека неговиот тим примил гол по сопствена грешка, а го пофали настапот на голманот Кристијан Наумовски и одличниот гол за реми на Фреди Алварез.

„Одигравме еден тежок натпревар, моравме да ги користиме шансите во првиот дел затоа што на вакви натпревари не смее да се пропуштаат такви прилики. Секако и Шкендија имаше свои шанси, но благодарение на Кристијан Наумовски не бевме казнети. Потоа, примивме гол по наша грешка, измените го освежија натпреварот за нас, па Фреди Алварез мајсторски изедначи за конечни 1-1. Честитки за играчите и за нашите навивачи за атмосферата. Работиме седум месеци заедно и имаме цели да сме најдобри по крајот на сезоната“, изјави Седлоски.

Шкупи е лидер во македонскиот фудбал и полусезоната ќе ја заврши како есенски првак. До крајот има уште едно коло, а лидерот гостува кај Борец.