• Зоран Мишевски
Фудбалската репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз од 0-3 против Швајцарија на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, со што неславно ја започна новата сезона во Б сегментот од Лигата на нации.
Гостите целосно доминираа во текот на целиот натпревар, а стрелци на головите беа Амдуни (два гола) и Фројлер. Дуелот во главниот град на средбата со новинарите го анализираше селекторот Гоце Седлоски. Тој целосно им честита на ривалите и посака подобри изданија во следните пет натпревари.
„Сакам да им честитам на Швајцарците, една компактна селекција и една светска фудбалска сила. Ние треба многу да работиме. Сакам да се подмладиме и тоа ќе го форсирам и во иднина.
Не шутиравме на гол и тоа е нивна заслуга. Ги добија сите дуели, но не смееме да примаме вакви голови. Глупав е начинот на кој паднаа головите. Барам да покажеме карактер, а од некои играчи денес не го видов тој карактер. Дали е тоа заради нивното неиграње во клубовите, не знам, но добро ќе анализирам. Поквалитетна репрезентација не гостувала во Скопје, и во поново време и во моето време.
Презадоволен сум од настапот на Гаштаров, кој треба да биде пример како треба да игра и да се однесува еден млад фудбалер. Но, на некои фудбалери во соблекувалната им кажав дека недозволиво е да се игра како што тие играа на овој натпревар. Некои влегоа исплашено, а на ваквите натпревари се гледа карактерот. Со срце и душа се игра за репрезентацијата на Македонија. На тренинзите беше одлични, но некои вечерва потфрлија. Помладите ќе играат и на следните натпревари, бидејќи не може да се игра на секои три дена со силен интензитет. Планирам да повикан еден или двајца нови фудбалери. Ми се допадна дебитантот Мељиќи, играше со срце, и ми се допадна неговиот пристап“, рече селекторот Седлоски.
Швајцарија е лидер во Б2 групата со три бода, пред Шкотска и Словенија со по бод и Македонија без бпдови. Во второто коло во вторник навечер се среќаваат Словенија - Македонија и Шкотска - Швајцарија.





