Седлоски: Ова е значаен успех за клубот и за фановите

Македонија остана само со два претставници во фудбалска Европа, а единствена која мина коло е екипата на Шкупи. По ремито во Приштина против Лапи, тимот на Гоце Седлоски со севкупни 3-1 ја прескокна првата пречка и обезбеди двомеч против Санта Клара.

Тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски е задоволен од изданието во вториот настап на чаирчани во Конференциската лига.

„Очекував во првиот дел добро да си ја завршиме работата и да не ги повториме грешките од првиот натпревар. Севкупно не сум задоволен од играта во првото полувреме, но во вториот дел нашите момци почнаа да играат подобро, имавме некои многу добри шанси.

Резултатот 1-1 беше доволен, најважното е дека продолжуваме во следното квалификациско коло во Конференциската лига. Ова е важна победа за клубот и фановите, бидејќи долго време сме немале ваков успех. Честитки за фудбалерите и благодарност до фановите кои дојдоа од Скопје“.

Првиот натпревар против Санта Клара, Шкупи го игра на 22 јули во Скопје на Арената „Тодор Проески“.