Седлоски: Мора да бидеме трпеливи и паметни со Санта Клара

Шкупи е во исчекување на второто квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА, а таму чека двомеч со португалска Санта Клара. Пред дуелот со една од најквалитетните екипи во оваа фаза, тренерот Гоце Седлоски го кажа своето мислење.

Некогашниот македонски репрезентативец потенцира дека Шкупи против Санта Клара мора да биде паметен во играта и да биде максимално трпелив, затоа што само со таков вид на фудбал може да се изненади фаворитот на хартија.

„Мора да бидеме трпеливи и паметни и да одиграме добар натпревар. Само така може да ги израдуваме нашите навивачи. Против нас имаме силен тим кој игра брзо, агресивно и негува напаѓачки фудбал. Но, секако дека и ние имаме што да покажеме на натпреварот. Го анализиравме тимот на Санта Клара, имаат одлични играчи, но резултатот ќе зависи и од нашата игра“, изјави Седлоски.

Натпреварот меѓу Шкупи и Санта Клара се игра утре (четврток) со почеток од 20:00 часот.