Седлоски: Мојата ера на клупата на Македонија започнува сега, наша цел е Европското првенство!

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, најави почеток на нов циклус на нашата најдобра селекција и јасно ја постави целта – пласман на следното Европско првенство.

„Мојата ера на клупата на Македонија баш сега започнува. Од натпреварот во Сараево го отвораме новиот циклус во кој Европското првенство е наша главна цел. Имам многу работа, потребна е детална анализа и внимателен избор на играчи. Имаме квалитет, но мора добро да се подготвиме за предизвиците што следуваат“, истакна Седлоски.

Тој не го криеше разочарувањето од последните настапи, потенцирајќи дека репрезентацијата не била на посакуваното ниво.

„Против Данска во баражот бевме рамноправни во првото полувреме, но потоа паднавме и не успеавме да направиме подвиг. Неколку дена подоцна одигравме слаб натпревар против Ирска. Јасно е дека можеме и мораме многу подобро“, додаде селекторот.

Во пресрет на дуелот во Сараево, Седлоски очекува тежок натпревар, но верува во потенцијалот на тимот.

„На ‘Кошево’ нè очекува вистински спектакл, особено затоа што Босна и Херцеговина ќе игра на Светско првенство. Сепак, ние доаѓаме да се прикажеме во најдобро светло. Играме против силен противник, но верувам дека имаме квалитет да се носиме со нив“, порача Седлоски.

Натпреварот меѓу Босна и Херцеговина и Македонија се игра на 29 мај во Сараево.