Седлоски: Македонија ЃП е одлична екипа, но денес требаше да ја совладаме

По ремито со Струга Трим Љум на гости, екипата на Шкупи повторно одигра без победник со тим кој се бори за излез во Европа следната сезона.

Градското дерби со Македонија Ѓорче Петров заврши со непопуларно реми без голови, а стратегот Гоце Седлоски смета дека неговиот тим бил подобар на теренот и заслужил да ги освои трите бода. 

„Одигравме одлично прво полувреме, но не успеавме да искористиме шанси еден на еден со голманот и тоа не чинеше многу. Ќе беше многу полесно да се игра ако успеевме да реализираме барем една од тие прилики. Да бидам искрен, игравме против добар противник, па не е изненадување што Македонија ЃП е веднаш зад нас на табелата. Во вториот дел направив неколку измени за да ги видам другите играчи, ама генерално, мислам дека е штета што не победивме. Ќе беше заслужено ако го направевме тоа“, изјави Седлоски.

Шкупи веќе ја обезбеди втората позиција на табелата и сигурно и идната сезона ќе игра во квалификациите на Лига Европа, а во следното коло во ПМФЛ го чека дуел со битолски Пелистер.