• Зоран Мишевски

Шкотска прелесно ги освои бодови во Скопје и со победата од 0-2 (0-2) ја закова нашата национална селекција на дното на табелата во групата од Лига Б на Лигата на нации. Свирежите од гледачите на нашиот најголем стадион се показател за тоа на кое ниво спадна нашиот најсилен национален тим.
На прес-конференцијата селекторот Гоце Седлоски се обида да пронајде зборови за поразот.
„Честитки за Шкотска, беа побрзи, помоќни во дуелите и затоа играат таму каде што играат. Тешко е да се коментира по серијата на порази, но јас нема да застанам тука и ќе продолжат со процесот. Во првите триесет минути игравме панично, Шкотска ја презеде иницијативата и доминираше. Мислам дека последниот период и влегувањата на Дориев и Малески го раздвижија нашиот тим. Против премиерлигашките ѕвезди игравме со тројца фудбалери од нашата Прва лига“, објаснуваше селекторот.
Седлоски потоа ги објасни двете замени уште во раната фаза.
„Во првите триесет минути не одеа работите со Лука Станковски и со Херера. Кога Лука влегуваше во игра на претходните натпревари внесе живост. но сега не беше така. Кај Херера“, рече селекторот.
Според прилепчанецот Швајцарија и Шкотска се далеку пред останатите две селекции и само Словенија ни е шанса за бодови во оваа Лига Б на Лигата на нации.
„Единствено со Словенија можеме да се носиме во оваа група на Лига Б. Можеби на домашен терен ќе парираме против Словенија. За швајцарскиот тим не треба да се трошат зборови, а и оваа Шкотска е моќна репрезентација“, заврши селекторот.
Селекторот Седлоски останува на само два нерешени резултати на натпреварите против Ирска и Босна и Херцеговина на гостински терен. Македонија и шести натпревар со новиот предводник е без постигнат погодок.







