Седлоски: Губевме топки и промашивме шанси, а Шамрок тоа го казни

Македонскиот првак Шкупи ги заврши настапите во Лигата на Европа и се сели во Конференциската лига. Чаирчани не успеаја да ја надополнат негативата од Даблин и со втор пораз од Шамрок Роверс (1-2) застанаа во третата рунда.

Тренерот Гоце Седлоски по натпреварот на прес-конференцијата даде коментар на играта и на натпреварот. 

„Сакам да му ја честитам победата на Шамрок. Денес бевме без неколку играчи, но тоа не е оправдување. Налетавме на доста добра екипа, цврста, агресивна. Тие заслужено нè победија во овие 180 минути фудбал. Направивме три измени на паузата, внесоа свежина, ама по првиот гол почнавме да играме фудбал за себе. Премногу топку губевме каде што не треба, а тоа противник како Шамрок не го простува. На вакви натпревари, сè уште сме далеку од нив. Во првиот дел не постоеше среден ред, а тие даваа голови на наши грешки. На стартот на полувремето имавме две-три добри шанси, па тоа беше казнето.

Направивме некои промени во одбраната, имавме и казнети играчи во првиот меч, па малку и калкулирав поради кратоните. Малку потфрливме во одбраната, секако и средината потфрли кога беше најважно. Имаме ростер на играчи, нè очекува првото коло во ПМФЛ со незгоден ривал каков што е Македонија ЃП. Имаме уште една шанса во УЕФА, го чекаме ривалот во четврток, а ќе мора да балансираме меѓу двете натпреварувања“, изјави Седлоски.

Шкупи ќе игра за групната фаза во Конференциската лига, а ривал ќе му биде подобриот од мечот меѓу косовски Балкани и фарски Клаксвик. Првиот дуел на овие два тима заврши со резултат 3-2.