Седлоски: Голема благодарност до навивачите, против Борец одигравме како што сакав

По пауза од една година, „гулабите“ повторно високо летнаа на „Чаир“. Вицешампионот Шкупи со убедливи 3-0 го среди Борец и ја презеде лидерската позиција на табелата во Првата македонска фудбалска лига.

Стратегот Гоце Седлоски не го криеше задоволството од освоените три бода на своите избраници и воедно им се заблагодари на фановите за одличната атмосфера.

„Во првото полувреме одигравме како што сакав. Во првите десет минути од второто полувреме не бев задоволен од нашата игра. Тимот на Борец имаше неколку добри прилики за гол, но ние имавме и две или три големи шанси, кои мораше да ги искористиме.

Благодарност до нашите фанови за одличната атмосфера. Сега се подготвуваме за следниот натпревар во Купот на Македонија и очекувам моите играчи да дадат сè од себе, бидејќи знаеме дека ова натпреварување е проблематично“, изјави Седлоски.

Со денешната победа и ремито на Академија Пандев во Битола, Шкупи го презеде врвот на табелата со 14 освоени бода.