Седлоски: Го смирив тимот на паузата, па го покажавме најдоброто

Екипата на Шкупи со моќно второ полувреме ја совлада Струга Трим Љум (4-0). Двоен стрелец беше Сандеј Адетунџи, реализираа и Фаустин Сењор и Кире Маркоски, а тренерот Гоце Седлоски им честита на играчите за прикажаното и за победата.

„Немам што да кажам, освен честитки за моите играчи кои го дадоа најдоброто. Среќен сум со мечот кој го одиграа. Во првиот дел имавме притисок и бевме нервозни, но го смирив тимот на паузата и така игравме подобар фудбал со кој создадовме шанси и постигнавме голови. Сметам дека победата е заслужена. Не сакам да ги изоставам тука и навивачите, благодарност за нивната поддршка за време на мечот“, изјави Седлоски.

Шкупи е лидер во македонскиот фудбалски шампионат и на контото има 35 бода. Главен следбеник му е Академија Пандев.