Седлоски: Дојдовме во Тетово да победиме, но налетавме на добар ривал

Екипата на Шкупи освои бод на гостувањето кај шампионот Шкендија, откако попладнево во одложеното дерби на шестото коло одигра 0-0 во Тетово. 

Чаирчани се во подобра форма на стартот на сезоната, па токму затоа за нив ремито не е најпосакуван исход. По дуелот, Гоце Седлоски го изнесе своето мислење за клупската веб страница. 

„Мислам дека беше интересен, но тежок натпревар. Во првиот дел имавме проблеми, ама по паузата започнавме подобро. Во вториод дел напаѓавме константно, имавме добри шанси, но немавме среќа. Дојдовме тука да победиме, а Шкендија уште еднаш покажа дека има добар тим. Сепак, ќе продолжиме со подготовките за следниот дуел во кој ќе бркаме три бода“, изјави Седлоски. 

По шест одиграни натпревари Шкупи има 11 бода, додека Шкендија има седум. Сепак, во таборот на тетовчани се загрижени бидејќи имаат само една победа, наспроти четирите ремија и пораз. 

ПМФЛ продолжува в недела со пресметките од седмото коло, Шкупи ќе го дочека Борец, а Шкендија гостува кај Скопје.