• Мартин Танасковски
Ако постои првенство што совршено ги отелотворува фудбалската непредвидливост и драмата, тогаш тоа без сомнение е полската Екстракласа. Со продолжувањето на полусезоната, табелата нуди сцени кои звучат речиси нереално, а токму тие ја прават лигата една од најинтересните во Европа.
Разликата меѓу врвот и дното е минимална, само 11 бодови ги делат лидерот Висла Плоцк и последнопласираната Брук-Бет Термалика, што е редок случај во модерниот фудбал. Борбата за опстанок и трката за титулата практично се испреплетени.
Особено фасцинантен е подемот на Висла Плоцк. Тимот стигна до првата позиција по пет последователни нерешени натпревари, скокајќи од третото на лидерското место, главно поради слабите резултати на директните конкуренти. Гурник и Јагелонија, кои беа веднаш зад нив, успеаја да забележат само по една победа во истиот период.
Статистиката дополнително ја нагласува парадоксалноста на шампионатот. Лидерот Висла Плоцк и Лехија Гдањск, која се наоѓа дури на 13. позиција, имаат ист број победи – седум. Уште поапсурдно звучи фактот што 13 екипи постигнале повеќе голови од водечкиот тим на табелата.
Најголема контрадикција е токму Лехија Гдањск, најефикасниот тим во лигата, со 37 постигнати голови, но и екипа со најмногу примени погодоци, исто така 37. Напаѓачки спектакл и дефанзивен колапс во едно.
Најдобрата моментална форма ја има Пјаст, иако се наоѓа на 14. место. Овој тим победи на четири од последните пет натпревари, што уште еднаш потврдува дека позицијата на табелата во Екстракласата често не ја отсликува реалната форма.
Сензационално звучи и пласманот на Легија Варшава, најголемиот полски клуб и рекордер по бројот на титули (15), која се наоѓа на претпоследното место. Актуелниот шампион Лех Познањ е осми, но заостанува само четири бода зад лидерот, што ја држи трката за титулата целосно отворена.
Во вакви услови, серија од четири или пет победи може на која било екипа да ѝ донесе скок од 10 до 15 позиции на табелата па дури и да ја внесе во борба за шампионската круна.