Се „тресе“ Буенос Аирес: Дибала во најтрофејниот клуб од Аргентина!?

Во пресрет на зимскиот преоден рок, се чини дека Пауло Дибала е поблиску од кога било до заминување од Рома. Аргентинскиот офанзивец веќе подолго време не ужива целосна доверба, а јануари би можел да биде идеален момент за разделба.

Според пишувањата на аргентинските медиуми, за Дибала сериозен интерес покажува Бока Јуниорс, еден од најтрофејните клубови во Јужна Америка. Истите извори откриваат дека Дибала е искрено заинтересиран да заигра на легендарната „Бомбоњера“.

Клучна улога во целата приказна има и Леандро Паредес, репрезентативен колега на Дибала и актуелен фудбалер на Бока. Неговото присуство во клубот претставува силен магнет, а извештаите велат дека Дибала е подготвен да му се придружи и повторно да играат заедно.

Дибала има важечки договор со „волчицата“ до 30 јуни 2026 година, но засега нема ни најмали индиции дека тој ќе биде продолжен. Со оглед на тоа, Рома би можела да се реши за трансфер уште во јануари за да избегне потенцијална загуба.