• Иван Димовски

Со шест натпревари од 33. коло попладнево во 17:00 часот ќе се спушти завесата на уште една сезона во Првата македонска фудбалска лига. Од минатата рунда е познато дека Струга Трим Љум е старо-нов шампион, меѓу второлигашите одат Брегалница и Македонија Ѓорче Петров, а во баражот ќе оди Вардар.
Единствената дилема на прволигашката табела останува битката за второто место кое води во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА. Во пол позиција за него е екипата на Шкендија, која му гостува на Работнички и само при евентуален пораз може да остане без второто место. Шкупи во оваа рунда гостува кај шампионот Струга, каде што мора да победи и да дочека неуспех на тетовчани за да избори ново европско лето.
На останатите терени следат битки меѓу безбедни екипи и без резултатски претензии. Брера во Турново ќе ја дочека Македонија Ѓорче Петров, а од елитата ќе се прости и Брегалница со домашен дуел против Силекс. Вардар во населбата Маџари ќе биде домаќин на Тиквеш, додека Воска Спорт на „Билјанини Извори“ ќе го дочека Гостивар.
По ова коло постои голема шанса за промени на табелата бидејќи екипите од четвртото до осмото место се на дистанца од два бода, што дополнително зборува за неизвесноста во првенството. Оваа сезона веројатно беше една од наијзрамнетите во историјата на ПМФЛ, па се надеваме дека трендот ќе продолжи и во следните кампањи.