Се редат многу имиња: Како ќе изгледа „новиот“ Вардар?

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар е на прагот да добие нови сопственици. Недостасува само официјализација на фирмата „Блу Скај“ како нов сопственик на „црвено-црните“ и веќе на големо се шпекулира како ќе изгледа тимот.

Новото раководство планира буџет и веќе ги разгледува новите играчи. Целта на Вардар ќе биде експресно враќање во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), од каде за првпат испадна во историјата.

>>> ФК Вардар добива нов газда, проектот е веќе на маса

За нов тренер на вардарци ќе биде назначен Горан Симов, доскорешниот тренер на Силекс со кого го освои Купот на Македонија. Се подготвуваат и нови засилувања за ВМФЛ, а од актуелниот кадар се очекува да останат капитенот Дејан Блажевски и главниот напаѓач Филип Петковски, а голема е веројатноста меѓу стативите да биде и досегашниот голман Филип Илиќ како и Стефан Лазаревиќ. Тука се и неколку млади играчи, кои ја минаа сезоната под палката на Никола Илиевски - Џиџи.

Новите луѓе кои се подготвени да влезат во Вардар веќе на големо го разгледуваат пазарот, а неколку имиња се споменуваат како новитет. Бенџамин Демир, Никола Ристески, Трајче Стојкоски, Оливер Пеев, Филип Петров, Кристијан Костоски, се најсериозните кандидати да го носат дресот на Вардар во новата сезона. Постои и интерес за останати играчи, како еден од браќата Љамчевски, Владица Брдаровски кој е слободен, искусниот Јован Костовски кој исто така како слободен сигурно е мета, веројатно и стоперот Дарко Стојанов кој во минатото играше за овој колектив, но се чека на официјализација на новиот сопственик, па да се почне со активностите.

Работите околу Вардар се мрднати од „мртва точка“. Навивачите се нетрпеливи и чекаат на новости поврзани со најтрофејниот клуб.