• Иван Димовски

Каменица Саса се пожали од арбитражата на судиите во натпреварот против Детонит Плачковица кој заврши 2-2 по голема драма. Второлигашката средба во Македонска Каменица беше навистина драматична, домашните водеа со 2-0, а потоа во последните минути примија два гола за реми на крајот.
По натпреварот од Саса јавно го искажаа незадоволството. Тие сметаат дека двата гола на Детонит се нерегуларни и се обратија преку соопштение.
„Почитувана фудбалска јавност,
ФК Каменица Саса уште еднаш беше жртва на катастрофално судење од страна на судиите при Фудбалската федерација на Македонија.
Веќе и не сме во можност да ги изброиме натпреварите на кои, поради судиски грешки, губиме драгоцени бодови.
Оваа година бевме очигледно оштетени на натпреварите со Тетекс, со Скопје, а денес и со ФК Детонит Плачковица.
На денешниот натпревар, двата гола на ФК Детонит Плачковица беа нерегуларни.
•Кај првиот гол, топката не ја мина гол-линијата, а погодокот го „виде“ само помошниот судија.
•Вториот гол, како што јасно се гледа на снимката во прилог, беше постигнат кога играчот на Детонит беше во длабок офсајд.
Да не зборуваме и за тоа што, и покрај покажани пет минути продолжение, судијата го продолжи натпреварот цели осум минути. Кон ова, мораме да истакнеме, дека во првото полувреме ни беше поништен чист гол.
Нашите фудбалери не добиваат никаква толеранција на ниту еден дерби-натпревар. Без резон им се доделуваат жолти и црвени картони, а повеќето дерби-натпревари траат сè додека ние не примиме гол.
Ваквиот однос на судиите кон ФК Каменица Саса е срамен и недостоен за македонскиот фудбал. За доброто на фудбалот, бараме итен состанок со Судиската организација при ФФМ“, стои во соопштението на Саса.
- Двата гола на Детонит:
По 12 одиграни кола во ВМФЛ екипата на Саса се наоѓа на десеттата позиција со 14 освоени бода.


