• Саше Љолес
Иднината на Рафаел Леао повторно е тема во фудбалските кругови. Напаѓачот на Милан во последно време се поврзува со трансфер во Галатасарај, иако неговиот договор со италијанскиот гигант е со важност до 2028 година.
И покрај тоа што секој преоден рок се појавуваат нови информации за негово можно заминување, Леао сега реши лично да реагира. Португалецот преку социјалните мрежи испрати јасна порака и посочи дека не сака други да зборуваат во негово име.
„Во моментов сум целосно фокусиран на теренот и на тоа да го дадам максимумот на секој тренинг и натпревар. За да нема простор за шпекулации и неточни информации, сакам да нагласам дека моето семејство и адвокатите се единствените кои ги водат моите интереси. Никој друг нема дозвола да зборува во мое име. Мојот фокус е на целите што следуваат“, порача Леао.
Неговиот настап во подготвителниот период на Милан не беше на очекуваното ниво, па тоа дополнително ги поттикна гласините дека размислува за нов клуб.
Сепак, со последната објава Леао јасно стави до знаење дека во овој момент е концентриран на обврските во Милан, додека сите прашања поврзани со неговата иднина ги остава на своите најблиски и правниот тим.









