Се огласи и легендарниот Фиго: Инфантино мора да замине веднаш!

Легендарниот португалски фудбалер, Луис Фиго, упати остри критики кон претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, барајќи тој веднаш да ја напушти функцијата.

Во колумна за британскиот „Дејли Мејл“, Фиго не го „штедеше“ првиот човек на Светската фудбалска организација, обвинувајќи го за нетранспарентно работење и одлуки кои, според него, не се во интерес на фудбалот.

Поранешниот освојувач на „Златната топка“ смета дека Инфантино се обидел да спроведе големи промени во ФИФА без доволно објаснување пред фудбалските федерации и дека таквите потези повеќе им одговараат на одредени луѓе отколку на самиот спорт.

Фиго порача дека на фудбалот му се потребни поголеми инвестиции во инфраструктурата, тренерите и младите играчи, а не проекти кои служат за интереси на поединци.

„Фудбалот има потреба од повеќе терени, повеќе тренери и повеќе можности за децата. Парите треба да одат во развојот на играта. Предоцна е да го зачува своето достоинство, но не е предоцна да се спаси спортот. Инфантино мора да си замине, и тоа веднаш“, порача Фиго.

Фиго додаде дека Инфантино ја изгубил поддршката кај многу луѓе од фудбалскиот свет и дека е време за промена на челната позиција во ФИФА.