• Иван Димовски
Играчот на Реал Мадрид, Орелиен Чуамени, јавно се огласи по големиот скандал во тренинг центарот на мадридскиот клуб и конфликтот со капитенот Федерико Валверде.
Францускиот репрезентативец преку социјалните мрежи призна дека случувањата на тренингот биле „неприфатливи“ и им се извини на сите навивачи на Реал Мадрид. Тој додаде дека фрустрацијата поради лошата сезона не смее да биде оправдување за вакви инциденти и потврди дека ја прифаќа казната од клубот.
„Тоа што се случи оваа недела на тренингот е неприфатливо. Ова го велам мислејќи на примерот што се очекува да го даваме на младите, без разлика дали во фудбалот или во училиштето. Без разлика кој е во право, а кој не, секогаш треба да се бара најсмиреното решение за разрешување на конфликтот.
Пред сè, жал ми е за сликата што ја испративме за клубот. Знам дека навивачите, стручниот штаб, моите соиграчи, раководството, сите се длабоко разочарани од начинот на кој се одвиваше оваа сезона. Но, фрустрацијата не може да биде оправдување за сè.
Овие инциденти, иако можат да се случат во секоја соблекувална, не се достојни за Реал Мадрид. Особено затоа што Реал Мадрид е клубот за кој најмногу се зборува во светот. Во секој случај, сега веќе не е време да се утврдува кој што направил, кој што кажал или кој бил во право, а кој не. Ја признавам казната од клубот и ја прифаќам.
Ние и понатаму сме семејство, иако понекогаш имаме несогласувања, но секогаш мора да ги ставаме нашите цели над сè друго. Му се извинив на тимот, а сакам да им се извинам и на сите мадридисти“, изјави Чуамени.
Според шпанските медиуми, конфликтот меѓу Чуамени и Валверде започнал на тренинг, а ситуацијата дополнително ескалирала во соблекувалната. Валверде заврши и во болница со повреда на главата, иако двајцата фудбалери демантираа дека дошло до физичка пресметка со удари.


