Се огласи Фонсека: Нема да молчам на неправдите кон мојата екипа!

Пауло Фонсека доби огромна казна во траење од девет месеци и нема да може да биде тренер на францускиот Лион. 

Екс-предводникот на Милан имаше жесток вербален дуел со судијата на натпреварот против Брест, по што му беше изречена драконската суспензија, а сега се огласи со изјава во која вели дека „реакцијата била импулсивна, но инспирирана од неправдите врз неговиот тим“. 

„Сакам да останам фокусиран само на играта, но чувствувам огромна неправда за мојот тим и за мене лично. Сакам да биде јасно дека не го допрев судијата, реагирав импулсивно и немав намера да бидам физички агресивен. 

Најважна за мене во моментов е поддршката која ја добив од клубот и од оваа група на неверојатни фудбалери. Не знам што ќе донесе блиската иднина, но секогаш ќе бидам гласен за неправедните одлуки кои се на штета на мојата екипа“, рече Фонсека. 

Фонсека го презеде Лион кон крајот на јануари, дојде на местото на Пјер Сеж и го предводеше францускиот тим само пет натпревари.