• Саше Љолес
Двајца белгиски „тиктокери“ се вистински хит во својата земја откако објавија дека бесплатно присуствувале на финалето во Лигата на шампионите помеѓу ПСЖ и Интер.
Имено, Нил Ремерије и Сене Авербеку успеале да влезат на „Алианц Арената“ во Минхен дури 27 часа пред почетокот на натпреварот и решиле да се сокријат во еден од толетите, каде седеле до моментот кога навивачите започнале да влегуваат на стадионот.
Никој од обезбедувањето не ги забележал, а тие седеле тивко и најголем дел од времето го минале на своите мобилни телефони. Со нив имале ранци полни со храна и пијалоци, а од тоалетот излегле кога фановите почнале да се движат низ сектотот каде што се наоѓале.
Потоа едноставно се „претопиле“ во големата движечка маса и успеале да најдат слободни седишта во страничниот дел од трибините. Билетите за финалето се движеа помеѓу 90 и 950 евра, но овие двајца навивачи успеаја да го проследат „потопот“ на Интер без да потрошат ниту еден цент за влезница.