Се договара спектакуларна размена, Tен Хаг за Санчо бара „свој“ фудбалер од Борусија

Борусија Дортмунд во зимскиот преоден рок има намера да направи „трејд“ со Манчестер Јунајтед, а оваа зделка би можела да биде на задоволство на сите страни. Борусија дојде до идеја дека може да го врати Џејдон Санчо во своите редови. Во 2021 година Англичанецот дојде во Манчестер Јунајтед како големо засилување, но моментално е отпишан од менаџерот Ерик Тен Хаг, кој не смета на него поради претходните конфликти.

Санчо сака да игра и тоа ќе биде случај само ако ја смени средината. Наводно Јувентус се обидува да го доведе, но реален интерес има и од Дортмунд. Англискиот фудбалер сигурно не би имал ништо против да се врати во клубот во кој се прослави и каде што се истакна.

Манчестер Јунајтед за возврат го сака Дониел Мален (24). Холанѓанецот неодамна го ангажираа Маикел Стивенс, син на иконата на Шалке, Хуб (70), како негов нов советник, а наводно негова цел била преселба во Англија. Агенцијата на Стивенс, „СЕГ“, меѓу другото се грижи за кариерата на напаѓачот на Манчестер, Расмус Хојлунд, но и за кариерата на менаџерот Ерик Тен Хаг.

Но, за сето ова да се реализира Санчо ќе мора да прифати помала плата. Во Манчестер заработува 14 милиони евра по сезона, а тешко дека Борусија може да му го обезбеди тоа. Но, дефинитивно постои можност за размена меѓу двата клуба. 

Во тековната сезона, крилниот напаѓач забележа три кратки настапи во Премиер лигата, а неодамна доби и забрана за тренинзи со првиот тим.