Се чуваше „муниција“ за Велс: Летонија првпат не загуби од Македонија

Фудбалската репрезентација на Македонија го започна месец ноември со пријателски натпревар против Летонија, а дуелот во Скопје на Арената „Тодор Проески“ заврши со резултат 0-0. Оваа тест-средба беше увертира за мечот против Велс во Кардиф, кој ќе одлучи кој ќе биде второпласиран во групата од квалификациите за СП 2026, позиција која носи и повеќе поволна позиција во баражот за планетарниот собир во САД, Канада и Мексико.

Што се однесува до дуелот, селекторот Милевски дуелот го почна со мешан состав. Немаше неколку носители во играта во првиот тим, на нивно место играа Ашковски, Стојчевски, Растодер, Ристовски... Дуелот тргна без многу шанси, со многу игра на средината на теренот и додавања, но без конкретни закани. Се чекаше на првиот обид до 24. минута, кога Гутковскис се закани, но само над голот. Само три минути подоцна, во 27. минута, одлична шанса за гол имаше Тихомир Костадинов кој биеше со глава, но голманот Матревиц одбрани зицер. На спротивната страна се истакна и Димитриевски, па затоа голманите беа главните виновници зошто немаше голови.

Пред финишот на првиот дел одлична шанса имаше и Никола Серафимов кој биеше со глава од земја, ама Матревиц беше на висината на задачата. Во вториот дел Милевски направи измени, во игра ги внесе Ќамили, Трајковски, Миовски, Елмас и Рамадани. Немаше многу допадлива игра, а на првата шанса чекавме до 58. минута кога Растодер имаше добар шут откосо, но голманот на Летонија интервенира.

Гостинот на прва закана во вторите 45 минути наиде во 70. минута, кога Икауниекс ја погоди пречката од голот на Димитриевски. Во продолжението од мечот, Македонија беше поактивна, имаше полушанси за гол, но не се најде патот до мрежата. Ова е првпат Летонија да остане непоразена против Македонија, откако нашиот национален тим претходно забележа пет победи на пет меча со овој ривал.

ФОТО: Фудбалска федерација на Македонија