Савиќ за Gol.mk: Атлетико делува моќно и е зрел за уште многу трофеи!

Gol.mk на Супер Куп 2018

Стефан Савиќ доби предност пред Хименез на вчерашниот Суперкуп-дуел на УЕФА против Реал Мадрид и беше еден од најдобрите поединци на Диего Симеоне во победата на Атлетико Мадрид од високи 4-2. 

Црногорскиот дефанзивец скоро во секоја ситуација беше за чекор побрз од офанзивците на европскиот шампион, а по мечот за Gol.mk го искажа своето задоволство од третиот освоен трофеј на тимот во историјата на овој Куп. 

„Навистина сме многу среќни на оваа победа над Реал Мадрид и освојувањето на Суперкуп трофеј. Одигравме одличен натпревар, наша поволност беше што први постигнавме гол, а во финишот од мечот го покажавме нашиот вистински карактер и успеавме да обезбедиме продолженија. Оваа година тимот е подготвен за големи достигнувања. Располага со голем број на квалитетни фудбалери, како на теренот, така и на клупата, атмосферата во соблекувалната е фантастична, па сите очекуваме уште неколку трофеи во сезоната која ни претстои“, рече дефанзивецот на Атлетико Мадрид. 

Големата победа на „јорганџиите“ ја донесоа Диего Коста, со два гола во регуларните 90 минути, а во екстра-времето стрелаа Саул и Коке. За Реал во листата на стрелците се запишаа Бензема и Рамос.