Савичевиќ: Јас, Панчев и Просинечки требаше да бидеме индивидуални „Звездини звезди“

Дејан Савичевиќ

Српскиот гигант Црвена Звезда има традиција да им доделува „Звездина звезда“ на фудбалери кои имале големо влијание на клупската историја и кои ја прославиле екипата во светски рамки.

Досега има само пет имиња кои ја имале таа чест да ја добијат оваа титула, а тоа се:

  • Рајко Митиќ
  • Дракан Стојковиќ - Пикси
  • Драгослав Шекуларац
  • Владимир Петровиќ - Пижон
  • Драган Џајиќ

Шестата звезда е доделена на генерацијата од 1991 година која стигна до историската титула во Лигата на шампионите во Бари. Дел од неа беше и еден од најдобрите македонски фудбалери Дарко Панчев кој беше стрелец на одлучувачкиот пенал.

Токму за него зборуваше Дејан Савичевиќ, неговиот поранешен соиграч, кој смета дека заедно со Роберт Просинечки заслужија да добијат индивидуална „Звездина звезда“ .

„Таква беше „климата“ во клубот во тој период. Се работеше за политичка одлука. Но, така тие одлучија и не би сакал да се навраќам на таа тема. Се знае кој одлучуваше за тие работи.

Не мислам дека само јас заслужив, тука беа и Дарко Панчев и Роберт Просинечки. Не би сакал да ми се налутат останатите соиграчи, но мислам дека ние тројца направивме нешто повеќе од останатите. Ете тоа е моето мислење“ , вели легендата на југословенскиот фудбал.

Савичевиќ помина четири години во „црвено-белиот“ дрес, а потоа се прослави играјќи за Милан. Во 1999 година повторно се врати во својата Црвена Звезда, за кариерата да ја заврши во Рапид Виена.

Од 2004 година тој е претседател на Фудбалската федерација на Црна Гора.