Саутгејт се „направи Енглез“: Не сум сигурен дека нам ни свиреа!

Селекторот на англиската репрезентација Герет Саутгејт го коментираше разочарувачкото реми против репрезентацијата на САД. По ефикасната игра во првото коло против Иранците (6-2), во второто против САД (0-0), Англичаните одиграа тотално поинаку, премногу претпазливо и не така сигурно.

На крајот од натпреварот навивачите со свирежи ги испратија играчите надвор од теренот. Тоа беше прашањето за Герет Саутгејт на прес-конференцијата, но тој се „направи Енглез“.

„Дали ни свиреа? Не сум сигурен дали тоа беше насочено против нас. Лично, навистина сум задоволен од тоа како заврши натпреварот. Игравме против тежок противник. Вистина е дека овојпат ни недостасуваше малку трпение и квалитет во нападот. Секогаш е предизвик да се најде истиот квалитет, не може да се игра врвно на секој натпревар. Мислам дека навистина добро го контролиравме натпреварот и тоа е најважно. Нашите два централни бекови беа апсолутно извонредни со топката“, рече Саутгејт.

На Англија ѝ е потребен бод во последниот натпревар против Велс за да обезбеди нокаут-фаза, додека Соединетите Американски Држави мора да го победат Иран.