• Зоран Мишевски

Селекторот на англиската фудбалска репрезентација Герет Саутгејт ја исполни првата цел. Европскиот вицешампион го совлада Велс и со седум бода во групата Б ја архивира првата фаза од Светското првенство. „Гордиот Албион“ забележа победа од 3-0 против соседите и ќе игра против Сенегал за пласман во четвртфиналето.
„Ја контролиравме играта во првото полувреме, но не создадовме доволно шанси. Сакавме повеќе шутеви и шанси и да бидеме побрзи во нападот. Кога го постигнавме вториот гол, го завршивме натпреварот.
Одличен натпревар за Рашфорд. Деновиве тренираше навистина добро. Можеше да постигне трет гол и да забележи хет-трик. Голот од слободен удар беше неверојатен“, изјави Саутгејт.
Во листата на стрелци се запиша и фудбалерот на Манчестер Сити, Фил Фоден.
„Ми се чинеше дека и двајцата беа тивки во првото полувреме, па решив да ги сменам страните. Драго ми е што се запишаа во листата на стрелците“, заврши Саутгејт.
Велс покажа достоинство на првиот Мундијал по половина век, но не можеше повеќе од еден гол и еден бод во групата Б.